Шестчлена делегација на Црвен крст Охрид составена од спасители на вода и спасители на планина, престојува во 6 дневна работна посета на Црвен крст Бамберг, Германија. Целта на оваа посета е преку заеднички конкретни теоретски и практични вежби и активности од областа на спасувањето на вода и спасувањето на планина, да се разменат  искуства и стекнат нови знаења и техники за спасување и укажување на прва помош и реанимација, информираат од Црвениот крст.


Првите два дена од посетата беа искористени за запознавање и увежбување на новите постапки и техники за укажување на прва помош и реанимација на повредени, донесени во 2008 год. од страна на Меѓународниот комитет за спасување.


Третиот ден од посетата беше посветен на спасувањето на планина и непристапни терени, каде на алпинистички локалитети заеднички тимови на спасители на планина на Црвен крст Охрид и Црвен крст Бамберг увежбуваа извлекување на повреден со повреда на р’бет од непристапен терен. При оваа вежба беше користена најсовремена опрема-вакум душек и маринер за имобилизација и безбеден транспорт на повредениот, која што Црвен крст Охрид во оваа прилика ја доби како подарок од Црвен крст Бамберг. Во продолжение на активностите спасителите-алпинисти на Црвен крст Охрид и Црвен крст Бамберг ги искачуваа најсложените насоки на повеке карпи.


Посетата продолжува со реализација на активности од делот на безбедност на вода, каде спасителите на вода на Црвен крст Охрид и Црвен крст Бамберг денеска во центарот на Бамберг, ќе изведат вежба на спасување на давеници во брзи води-река, При тоа е бидат користени современи средства за спасување-даска, спасувачки чамец и сл. И во оваа област Црвен крст Охрид ќе биде побогат за еден професионален чамец за спасување кој како подарок ќе го добие од Црвен крст Бамберг.


Посетата завршува на 20 јуни, со официјално предавање на донациите за Црвен крст Охрид.
    
Инаку Бамберг е град во Баварија кој лежи на реките Рајна и Мајна. Во него живеат 82 илјади жители и е еден од неколкуте градови во Германија кој што воопшто не претрпел штети од бомбардирањето во Втората светска војна. Стариот дел на Бамберг се вбројува во светското наследство под заштита на УНЕСКО.

Ohridnews