Преку проект во вредност од 24,9 милиони евра ќе се воспостават три нови информациски системи со кои ќе се подобри ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи и ќе се зголеми ефективноста на администрирањето на приходите.

Дваесет милиони евра се заем од Светска банка (СБ), а 4,9 милиони евра се грант од ЕУ што ќе се администрира преку СБ. Договорите за спроведување на проектот ги потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Во Министерството за финансии ќе функционира нов Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори ќе има Информациски систем за управување со државна помош (СИМИС), а Управата за јавни приходи добива нов Информациски систем за управување со даночните приходи (ИТИС).

За поддршка на реформите за управување со јавните расходи ќе се одвојат 14,69 милиони евра, за зајакнување на практиките за даночно управување и системи во Управата за јавни приходи 8,135 милиони евра, а 2,025 милиони евра за управување со промени, координација на донатори и управување со проекти.

Воспоставувањето на овие системи претставуваат дел од заложбите на Владата за имплементација на напредни технологии и воедно се предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии. Со нив ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните финансии, а тоа ќе се постигне преку поврзување на постоечките фрагментирани и неповрзани системи на една централизирана дигитална платформа, рече по потпишувањето на договорите министерот Бесими.

OhridNews