Вкупно 4.793 охриѓани се евидентирани на листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со месец февруари 2015 година. Оваа бројка е за 58 лица поголема од бројката на невработени во јануари 2015 која изнесуваше 4.735 лица.
Статистичката евиденција покажува дека зголемување од 509 невработени е забележано во споредба со месец февруари 2014 година кога биле запишани вкупно 4.284 лица кои бараат работа во Охрид.
Според степенот на образование во рамки на февруарската евиденција во Охрид, запишани се 803 лица со високо образование, а во моментов работа бараат и 53 магистри на науки. Во евиденцијата на невработени охриѓани запишани се и 182 лица со виша школа и 1.390 лица со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 1.072, а со основно образование 1.293 охриѓани.
Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.770 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 924 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 1.099 лица, помлади од 30 години.
Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.633 невработени или 473 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.160 места.
OhridNews