Нови 500 паркинг места се предвидени со измените во одлуката за организарање на режимот на сообраќај што Советот на општина Охрид ја донесе на вчерашната седница.

-Се надевам дека ќе наидеме на согласност и од сопствениците на х. „Палас“ и тука да се искористат дополнителни паркинг места, како и дека ќе се договориме со ГП „Гранит“ за користење на малиот полигон за паркинг во летната сезона, со што мислам дека ќе се реши во голем дел паркирањето во централното градско подрачје, истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. Тој изрази надеж дека и охриѓани ќе ги променат навиките и дека преку лето ќе се откажат од паркирање во строгиот центар.

Во новото решение за организација на летниот ремим на сообраќај што на сила ќе стапи на 15 јуни, имплементирани се забелешки на стручната јавност и граѓани, а направени се и одредени корекции во делови кои во минатото се покажале како нефункционални. Според д-р Томислав Тунтев, советник и сообраќаен експерт, новиот летен режим на сообраќај во голема мерка ќе ја подобри ситуацијата во шпицот на туристичката сезона кога бројот на возила во градот двојно се зголемува.

-Ваквата одлука е времено решение додека не се изработи сообраќајната студија, што не  започна бидејќи не успеа тендерот за таа намена, но радува тоа што стручните служби изработија студија со која бројот на стационарни паркинг места е зголемен двојно, а надвор од одлуката постои добра волја со минимални интервенции во стариот дел на градот и на други локации во центарот дополнително да се зголеми бројот на паркинг местата во Охрид, рече Тунтев.

На 18-та седница која беше прекината по паузата за ручек Советот даде согласност на Статутот на Јавното  претпријатие за изградба, одржување, реконструкција на локални патишта и хидротехнички објекти „Нискоградба“. Со посебни одлуки беа извршени разрешувања и именувања на одделни членови  на  Управните и Надзорните одбори на ЈП „Охридски Комуналец“ и „Нискоградба“.

Предложените ценовници на услугите на МЈП „Проаква“-Струга и ЈП „Нискоградба“ ја добија согласноста на Советот на општината, а беше усвоен и кварталниот извештај на МЈП „Проаква“-Струга РЕ „Водовод“-Охрид и РЕ „Колектор“-Струга.
Поради немање  мислење од Министерството за транспорт и врски, на предлог на градоначалникот Александар Петрески беа повлечени предложените Детални урбанистички планови  за неколку Урбани заедници и локални плански урбанистички документации.

OhridNews