Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 нови случаи на заболени лица со коронавирус од кои 7 во Скопје, 7 во Куманово, 2 во Прилеп, 2 во Тетово, 5 во Струга, 1 во Гевгелија и 1 во Кочани, информира на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Со тоа вкупниот број на заболени лица во земјава се искачи на 354. Најголемиот број е во Скопје каде позитивни на коронавирус има 183 лица, во Куманово има 54, Дебар 47, Штип 15, Прилеп 12, Тетово 13, во Струга 9, во Велес 6, Битола 4, Охрид 3, Кавадарци 2, Гевгелија 2 и по еден случај во Гостивар, Струмица, Крива Паланка и Кочани.
Во изминатото деноноќие регистриран е уште еден смртен случај на 65-годишна пациента заболена со коронавирус од струшко со што бројот на смртни случаи во овој дел од држават се искачи на вкупно тојца починати лица.
- Станува збор за пациентка од околината на Струга која речиси една седмица се лекувала на скопската клиника. Имала претходни заболувања на белите дробови, зголемен крвен пристисок, дијабет и хронично заболување на срцето. Со оглед на бројните претходни болести, нејзината клиничка слика постепено се влошувала поради што била направена и реанимација која за жал не дала резултат, изјави министерот Филипче.
На клиниката за инфективни болести во Скопје вчера биле примени 9 нови пациенти. Со тоа вкупниот број лица кои се хоспитализирани во оваа клиника е 59, од кои 12 се со потешка клиничка слика од кои 5 се поставени на механичка вентилација.
Од клиниката денес се испишани 5 пациенти кои на двата контролни теста биле негативни. Тие се во добра здравствена состојба и ќе се упатат на домашно лекување.
Од 28 пациенти во Дебар кои се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денес им се земаат контролни брисеви. Тие се во сосема добра општа здравствена состојба. Се очекува дека согласно нивната состојба повторените тестови ќе се негативни и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот понатамошен третман.
Т.К.