Испорачани се вкупно 16 илјади парчиња летни и зимски панталони и здолништа за припадниците на полицијата, со вредност од 31.008.559 денари со вклучен ДДВ, а по претходно распишана јавна набавка на униформи за 2021 година, информираат од МВР.

Испорачаните парчиња вклучуваат по 6452 машки зимски и летни панталони, по 758 женски зимски и летни панталони и по 790 зимски и летни здолништа. Согласно динамиката на испорака, како што соопштија денеска од МВР, се очекува да пристигнат високи специјални чизми и ремени со кои ќе се комплетираат испораките од спроведените јавни набавки на униформа во 2021 година.

Периодов во магацините на МВР пристигнале и осум илјади парчиња зимски јакни за припадниците на полицијата, за кои распределбата започнала на 11.03.2022.

Сите организациони единици на полицијата добија нови униформи, се посочува, специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службениц.

Само за шест месеци во претходната 2021 година, од јули до декември, обезбедени се 10.000 кошули со долг ракав и 10.000 кошули со краток ракав за припадниците на полицијата, 2330 парчиња флуоросцентни елеци, 660 комплет униформи за приправници, 30 комплети работни одела за кујни, 34 парчиња воздухопловни јакни, 19 парчиња воздухопловни комбинезони и седум парчиња специјални заштитни комбинезони, како дел од униформа за воздухопловен персонал, по 473 парчиња цивилна облека, обувки, цивилни кошули и цивилни чевли, осум илјади парчиња „поло” маици, 10.000 рала полувисоки чевли.

Од МВР потсетуваат дека меѓудругото, во рамки на планот за материјално-техничко подобрување на условите за работа на полициските службеници, реконструирани се и санирани 71 објект на МВР на територијата на целата држава, трансформирани и на енергетски план, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови термоизолациски фасади, со што директно се овозможува заштеди во буџетот, се намалуваат емисиите на штетни гасови, се придонесува кон заштита на животната средина.

OhridNews