Уште 15 дела од 14 македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи преку Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи. Комисијата прифатила 15 од 17 апликации кои пристигнале на отворениот конкурс од септември годинава. За превод на новоодобрените наслови се наменети 1.822.800 денари.

На српски јазик ќе бидат преведени пет книги: „Деус Луденс или кратка географија на теуругијата“ од Љубиша Георгиевски (Македонски информативен и издавачки центар од Панчево); „Скриена камера“ од Лидија Димковска и „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ од Душко Родев („Агора“ од Зрењанин); поемата „Ако“ од Трајче Кацаров (Удружење књижевника Србије); „Јазичен триптихон и други песни“ од Славе Ѓорго Димовски („Архипелаг“ од Белград).

Четири книги ќе добијат поддршка за превод на италијански од издавачката куќа „Беса саленто букс“ од Лече: „Човечулец“ на Александар Прокопиев, „Америка“ на Жарко Кујунџиски, „Куфер за тројца“ на Живко Гроздановски и поетската книга „Жедби“ на Катица Ќулавкова.

За превод на бугарски јазик се поддржани два наслова: „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски („Колибри“ од Софија) и „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ („Изида“ од Софија), и два наслова за превод на украински јазик од издавачката куќа „Твердинија“ од Луск: „Запалка“ од Натали Спасова и „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска.

Романот „Неверство“ од Дејан Трајкоски ќе биде преведен на ерменски јазик од издавачката куќа „Антарес“ од Ереван, а од Лидија Димовска поддршка за превод ќе добие уште еден роман – „Резервен живот“ на англиски јазик, кој ќе го објави „Тњо линес пресс“ од Калифорнија.

Од почетокот на 2014, од кога се применува оваа стимулативна мерка предвидена со Националната стратегија за култура за периодот 2013-2017, поддршка за превод добиле 62 книги од 40 автори на 18 јазици, а вкупно за сите нив се обезбедени 7.290.000 денари.

Министерката Канческа-Милевска денеска истакна дека мерката се спроведува во интерес на македонските автори, за да се олесни нивниот пристап до странските издавачки куќи и да им се обезбеди поголем пласман на нивното творештво во меѓународен контекст.

OhridNews