ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ вечерва традиционално со голем народен собир во Охрид  ја започна кампањата за парламентарните избори од Охрид.

 

 

Пред граѓаните кои од сите краеви на земјата дојдоа вечерва на митингот на градскиот кеј во Охрид  се обратија тројцата кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ од Охрид. Тие посочија дека промените се во рацете на граѓаните, и оти време е да се работи за подобро утро на македонскиот народ и за просперитетна Македонија.

Со вашата поддршка, со вашата и наша енергија, одговорно и посветено, обединети за силна, просперитетна Македонија ќе работиме за подобро утро на македонскиот народ, рече во обраќањето кандидатката Грација Бакраческа.

 

Охрид да го направиме уште поубаво и поквалитетно место за живеење, град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина. Не очекува макотрпна работа, посветеност и чесност. За да ја вратиме надежта кај граѓаните, да ги вратиме иднината и просперитетот. Како пратеници од Охрид, нашата работа ќе биде исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Охрид, Македонија повторно твоја! Нашите граѓани се мудри, убедена сум дека ја препознаваат работливоста и посветеноста наспроти празните ветувања кои ви ги нуди власта. Од овде ви порачувам да си ја зачуваме македонската традиција, да го зачувме и промовираме нашето културно и историско наследство. Време е за промена. Не очекува голема победа, победа за Македонија, додаде Бакраческа.

 

Вечерашнава слика од Охрид нека биде потсетник за бројката на граѓани кои што сакаат да си бидат свои – на своето, рече Лидија Петкоска.

Вечерва гледам огромен број на млади луѓе – нашата гордост и иднина! Сигурна сум дека овие млади лица не ни размислувале за политика додека растеле, но тука се затоа што ги почувствувале погубните последици од политиката на власта во сопствената држава. Во оваа земја постојат и чесни луѓе. Време е политиката да ја напуштат оние што нанесуваат порази и понижувања. Време е чесни луѓе со искрена посветеност да го преземат кормилото. Затоа сме денеска тука, затоа не има во толкав број, затоа што време е за Македонија горда и Македонија твоја! Промените се во твои раце, нагласи Петкоска.

Оттука, од непокорен и победнички Охрид, уверувам дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ искрено ќе се посвети на развојот на Македонија, на Охрид, рече Сашо Донев.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и ќе биде влада која искрено го поддржува Охрид и која ќе ги реализира капиталните инвестиции, кои им беа ветени на охриѓани изминатите триесет години. За само две години несебична и макотрпна работа конечно успеавме финансиски да ја раздолжиме 30 години задолжената општина. Тоа и е одлика на ВМРО–ДПМНЕ, да работи во секој град, во секое село и населено место. Со поддршката на граѓаните ќе се создаде вистинска европска Македонија. Македонија со која ќе се гордеат сите, Македонија да биде пример за работа, за чесност и за посветеност, истакна Донев.

Оваа река од народ говори само едно, говори дека и на 24-ти април и на 8-ми мај победата ќе биде голема, порача Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на пратеници во ИЕ5 од митингот во Охрид.

Со програмата за парламентарните избори „Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираме, реорганизираме и реформираме нашата Македонија. Најмногу простор во нашата Платформа, но и во нашата работа ќе посветиме на борбата за квалитетен животен стандард, ниски даноци, повисоки пензии и плати, ќе ги подобриме можностите за младите, ќе одвоиме 150 милиони евра за поддршка на квалитетно вработување на нашите млади, ќе ги подобриме политиките кон семејството, ќе ја воспоставиме мерката „Купи куќа за млади, рече Сајкоски.

 

 

 

Додаде дека во Охрид ќе се уреди и реконструира пристаништето. Ќе се преземаат активности за редовно чистење на езерското дно…

Дополнително ќе ги зголемиме инфраструктурните инвестиции во комплексот Плаошник, а со изработка на детална програма Охрид ќе стане центар на културен туризам со посебно внимание на промоција на црковно-историското наследство. Ќе изградиме ново училиште „Григор Прличев“. Ќе градиме катна гаража кај градскиот пазар. Ќе изградиме плоштад и кај Чинарот. Ќе градиме систем за водоснабдување на Охрид од Свињишки извори. Ќе работиме на кејот и на довршување на затворениот градски базен. Ќе изградиме канализационен систем со пречистителна станица во Трпејца. Но, и ќе работиме на многу други конкретни проекти за Охрид, Дебрца и сите околни општини, порача Сајкоски.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски