Kомпанијата „Костал“ започнува трета фаза од инвестицискиот циклус за производство на полначи за електрични и хибридни возила во вкупна вредност од речиси 50 милиони евра. Истиот предвидува отворање на нови производствени линии и нови работни места.
Импресионирам сум од тоа што го видов во компанијата „Костал“, импресивни се и плановите за во иднина, како и новите инвестиции од 50-тина милиони евра во следниве 4 години, но и планот за извоз поголем од половина милијарда, рече премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на компанијата „Костал“ во Охрид.
Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме, посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас. Затоа што многу лесно ако ние се однесуваме неодговорно како што изминатите години бевме сведоци се однесуваа претходните Влади, тогаш многу лесно можеме и да ги изгубиме. Јас како претседател на Владата апсолутно многу пати во минатото сум го кажал, ќе го кажам и ќе го повторам тоа и сега дека сè што можеме како Влада да бидеме пријатели на бизнисот на економијата, го правиме и ќе продолжиме тоа да го правиме, бидејќи денешниот современ патриотизам е токму тоа. Инвестирање, обезбедување на добро платени работни места и извоз. Само така можеме да бидеме во радарот и на мапата на светските случувања. Сè останато е импровизација, истакна Мицкоски.
Ја потенцираше и важност на компанијата „Костал“ како општествено одговорна компанија и придонесот што го дава во заедницата во повеќе сфери.
Можеби скромно од претставниците на „Костал“ не беше кажано но јас ќе си дозволам, ако ми дозволат да кажам, дека тие помагаат како компанија и во делот на општествената одговорност и во средното образование, преку дуалното образование, дополнителната обука за наставниот кадар на учениците, но исто така и во високото образование. Така што мислам дека тоа претставува една одлична синергија помеѓу општеството, општината, политиката, Владата и компанијата „Костал“, рече Мицкоски.
Генералниот директор на „Костал Македонија“ Виктор Мизо истакна дека со новата инвестиција ќе се креираат дополнителни нови 250 работни места и окму во Охрид ќе дојде највисоката технологија која ја имаат на групациско ниво.
Ќе произведуваме специјални системи за плагин хибридни и електрични возила на Фолксваген. Секое од тие возила на Фолксваген без разлика каде е во светот произведено тие системи ќе дојдат овде од нашата фабрика во Охрид, а истовремено мехатронски системи и модули, кровни модули за Мерцедес, во целата палета на производите на Мерцедес од А до Г класа се тоа што ќе се произведе во Северна Америка, Европа и Азија, ќе биде произведено токму овде во Охрид. Тоа значи дека и покрај тоа што има нестабилност во автомобилската индустрија, пред се во Европа, може Кина не е во истата ситуација како Европа, ние како компанија и локација продолжуваме со раст, инвестиции, зголемување на извозот. Минатата година ја завршивме како 9-ти најголем извозник во државата. Тоа што денес го претставивме е дека од идната година ќе имаме извоз од над 200 милиони евра, со можност да пред крајот на оваа декада постигнеме извоз од над пола милјардна евра со дополнително креирање на работни места и носење на нови технологии, рече Мизо.
Идните планови на проширување, истакна, зависат од резулатите кои ќе бидат постигнати од гледна точка на ефикаснот, продуктивност и добивање на идни проекти, додавајќи дека со поголема успешност ќе се привлечат и нови инвестиции и нови проекти.
Главниот оперативен директор на компанијата „Костал“, Ханс Јорг Херман посочи на проблемите кои во моментов ги има во автомобилската индустрија, но вели верува во тимот на „Костал Македонија“ и се надева на успешен развој како до сега и во иднина.
Со тимот овде во Македонија, со производите, плановите за во иднина, со иновации кои ги има „Костал“, не сум загрижен воопшто. Секоја криза има крај и оваа ќе дојде до крајот. Имаме одличен тим, ќе ја следиме стратегијата за раст и ова ќе продолжи да биде успешна приказна и понатаму, рече Херман.
Инаку, заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата „Костал“ во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра. Во моментов во „Костал“ вработени се 1150 лица.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски/ Влада