Откако во петокот најавија појава на нова бура којашто може да го погоди американскиот источен брег, синоптичарите не ја отфрлаат можноста формирањето на бурата над Атланскиот Океан да се совпадне со претседателските избори, како и да го комплицира санирањето на штетите предизвикани од ураганот Сенди, јавува телевизијата „Current TV“, пренесува „Макфакс“.
Во петокот американските метеоролози предвидуваа дека новата бура но со далеку помал интензитет од Сенди, може да го погоди источниот брег на САД на 7-ми ноември, еден ден по одржувањето на претседателските избори. Според податоците на експертите од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (European Centre for Medium-Range Weather Forecasts – ECMWF), ноќта кон 6-ти ноември кога ќе се одржат американските претседателски избори, над Атланскиот Океан источно од брегот на сојузните држави Џорџија и Јужна Каролина може да се формира област на намален воздушен притисок.
Таквата атмосферска појава, според компјутерски симулираната варијанта на развојот на настаните, може да почне да се движи во северна насока, а во текот на денот да дојде до северот-источните држави на САД со силни ветрови, дожд, па дури и снежна бура.
Американската Национална метеоролошка служба (National Weather Service – NWS), исто така, прогнозира дека над Атлантикот на почетокот од идната седмица може да се формираат области на намален воздушен притисок, што ќе предизвика бура којашто сепак ќе биде многу послаба од ураганот Сенди кој оваа седмица го погоди источниот брег на САД.
И покрај предвидувањата, како што забележуваат метеоролозите, нема место за паника, бидејќи следните четири дена ситуацијата може драстично да се промени.
„Јас, сепак, не сум многу загрижен. Сепак, ќе ја следиме ситуацијата и во текот на следните неколку седмици. Сè што може да ги комплицира работите на обновувањето (по Сенди), треба да се следи“, изјaви за Associated Press соговорникот од NWS, Брус Саливан.
Ураганот Сенди, кој се формираше над Карипското Море опустошувајќи ги земјите во регионот каде зад себе остави голем број разурнати домови и 66 мртви, ноќта кон вторникот налета на источниот брег на САД. Најголеми штети стихијата предизвика во сојузните држави Њу Џерси и Њујорк, каде што се процените на повеќе од 20 милијарди долари, а економските штети се проценуваат на 50 милијарди долари. Исто така, без електрична енергија останаа над осум милиони жители од погодените области. Според последните извештаи, бројот на жртвите од ураганот кој се претвори во супер бура (мешавина од тропска и од зимска бура) се искачи на повеќе од 100 луѓе.
извор:„Макфакс“