Нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер , денес најави нов лет од охридскиот аеродром до Лондон Лутон што ќе започне на 14-ти јуни. Летовите ќе се реализираат два пати неделно, во среда и недела.Цената на билетот ќе биде од 1499 денари па нагоре.
Виз Ер во јануари најави нови летови од вториот македонски аеродром, кои ќе започнат на 1-ви јули со лет до Базел Мулхаус – Фрајбург. Со новата услуга Охрид – Лондон Лутон, Виз Ер во моментов нуди вкупно 21 линија до 9 земји од 2 македонски аеродроми, Скопје и Охрид.
– Денес на наше задоволство го објавуваме новиот лет од аеродромот во Охрид. Пред помалку од 2 месеци ја објавивме нашата прва рута од Охрид кон Базел Мулхаус Фрајбург, а денес додаваме и втора рута до Лондон Лутон во Велика Британија. Се надеваме дека нашите рути од Охрид кои ќе стартуваат ова лето ќе бидат добро прифатени од страна на потрошувачите, што би ни овозможило да воведеме нови ефтини летови од Македонија, изјави Ѓорѓу Абран, главен комерцијален директор на Виз Ер .
Градоначалникот Никола Бакрачески изразува задоволство од најавените нови летови од охридскиот аеродром.
– Ние сме многу горди на нашиот регион и наследство. Охрид е еден од најпопуларните туристички дестинации во Македонија и благодарение на новата директна рута на Виз Ер , ние со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на многу посетители од Велика Британија во нашиот прекрасен регион, рече Бакрачески.
Виз Ер е најголемата ниско буџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа, управувајќи со 54 “Аирбус А320” авиони и нуди над 360 рути од 20 бази поврзувајќи 110 дестинации низ 38 држави.
OhridNews