Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го одбрани тронот на грен слем турнирот Австралија Опен. Ѓоковиќ, во финалето во Мелбурн го совлада Австриецот Доминик Тим со 3-2 во сетови (6-4, 4-6, 2-6, 6-3, 6-4), и стигна до осмата титула во Австралија.

Во првиот сет, Ѓоковиќ освои два гемови на противнички сервис и си го отвори патот за водство од 1-0. Тим изедначи 1-1 во сетови по идентичен тек на настаните во првиот сет. Австриецот освои два гемови на противнички и со 6-4 го доби вториот сет.

Добрата игра од вториот сет, Тим ја преслика во третиот и поведе со 2-1 во финалето. Австрискиот тенисер победи во трите воведни гемови, а потоа рутински го спроведе третиот сет во негова корист. Четвртиот сет понуди нов тек на настаните. Двајцата тенисери ги добија на свој сервис трите гемови за егал 3-3. Ѓоковиќ прво поведе со 4-3, потоа освои гем на противнички сервис за 5-3, а веднаш во следниот гем ја искористи шансата за егал во сетови (2-2).

Решавачкиот петти сет во финалето имаше супер почеток за Ѓоковиќ кој уште во третиот гем направи брејк за водство 2-1. Во следниот гем не погреши на свој сервис и се одлепи 3-1. Српскиот тенисер предноста ја искористи до крајот на петтиот сет кој го доби со 6-4, за нова титула на Австралија Опен.

Со осмиот трофеј од Австралија Опен, Ѓоковиќ дојде до 17-тата титула од грен слем турнирите и сериозно најави атак на Рафаел Надал и Рожер Федерер кои се единствени тенисери со повеќе трофеи од Србинот.

OhridNews