Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ триумфираше во машкото финале на првиот годинашен Грен-слем тениски турнир, отвореното првенство на Австралија што се играше на терените во Мелбурн.


Новак Ѓоковиќ

Ѓоковиќ во финалето кое траеше 184 минути го совлада големото изненадување, французинот Жо Филфред Цонга со 3:1, по сетови 4:6; 6:4; 6:3 и 7:6. Цонга добро го отвори натпреварот и еден брејк му беше доволен за почетна предност. На сличен начин возврати Ѓоковиќ во вториот сет. Во третиот фаворитот Ѓоковиќ направи два брејка, а најнеизвесно беше во четвртиот сет во кој се играше тај-брејк.

За дваесетгодишниот Ѓоковиќ ова е прв освоен Грен-слем турнир во кариерата што ќе му донесе 1,32 милиони австралиски долари на конто, додека поразениот Цонга ќе инкасира околу 650.000 австралиски долари.


Најмлад победник во Австралија-Ѓоковиќ

„Сакам да се заблагодарам на моето семејство и на пријателите и на Новак за одличната игра и прекрасниот меч, и пред се на публиката за големата подршка“, изјави по мечот Цонга.

„Жо фантастичен турнир за тебе и да победеше нема да беше незаслужено. Многу сум среќен што токму овде го освоив првиот Грен-слем турнир и се надевам дека често ќе се гледаме“, рече по финалето Ѓоковиќ.

Со триумфот во финалето Новак Ѓоковиќ стана најмладиот освојувач на Australian open.

Г. Момироски