Нова веб-апликација за следење на жешките точки и еколошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро е достапна на веб страната на Хидробиолошкиот завод Охрид. Апликацијата која ја разви група на студенти е создадена да ги прикаже клучните еколошки параметри и податоци за двата езера низ годината кои произлегуваат од работата на Хидробиолошкиот завод Охрид.

Преку веб-апликацијата граѓаните, научниците и љубителите на природата ќе можат во секое време да пристапат до податоци за загаденост, температурата на водата, нивото на кислород, состојбата на биолошките видови и други значајни фактори кои влијаат на екосистемите на езерата. Апликацијата претставува практичен начин за подобро разбирање на состојбата на овие природни богатства и ја нагласува важноста на нивната заштита, велат од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој.

Иван Јованов од Здружението изрази задоволство што студентите покажале како иновативни решенија можат да придонесат за зачувување на природната средина.

Оваа веб-апликација ќе овозможи транспарентен пристап до податоците за езерата, што е значаен чекор кон нивна одржлива заштита, вели Иван Јованов

Оваа апликација ќе ја приближи науката до јавноста и ќе овозможи сите заинтересирани страни да имаат пристап до најновите податоци за состојбата на езерата, вели директорката на Хидробиолошкиот институт, Орхидеја Тасевска.

Веруваме дека ова е одличен пример за тоа како младите можат да придонесат со своето знаење и креативност во заштитата на природата, посочува Тасевска.

Веб-апликацијата е развиена во рамки на проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ од Здружението LEAD во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка на Шведска.

OhridNews