Центар за култура „Григор Прличев“

Од 21.12.2019 - 20:00 до 22.12.2019 - 20:00

Независната аматерска театарска дружина „Аматер“, на 21 декември, на малата сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“, премиерно ќе ја изведе претставата „Сe до Полноќ“.

„Се до Полноќ“ е претстава адаптирана според „Белградска трилогија“ на Билјана Срблјановиќ, а е посветена на младите луѓе од нашата земја, велат од „Аматер“.  Текстот се занимава со проблемите на емиграцијата и губењето на сопствените корени. Во претставата се менуваат три приказни кои го доловуваат животот на генерациите кои растеа помеѓу омраза, насилство и смрт и кои ја напуштија Македонија, со надеж за подобар живот.

-Оваа претстава ќе ни постави низа прашања. Зошто луѓето сакаат да избегаат тука веќе три децении? И што ги чека кога ќе одберат да си заминат оттука? Зошто иселеноста секој ден се’ повеќе се зголемува? Што е она што го прави најдоброто од секоја генерација да ја напушти оваа земја во друга? Ако тие заминаа, кои останаа тука? Кои се тие? Дали постои систем за кој сите се жалиме, а всушност е систематско и намерно оневозможување на нормалната младина да биде среќна во сопствената земја? На крајот, може ли некој воопшто да биде среќен на друго место, кое не е дома? – се прашањата кои провејуваат во претставата.

Во претставата играат:

Јован Цветкоски
Томе Укоски
Климентина Гилевска
Франческа Винченци Маркулевска
Огнен Секулоски
Евамарија Баткоска
Илија Левески
Мила Коруновска

За светлото се погрижи Борис Велјаноски, а тон мајстор е Митко Серафимоски.

Билетите за претставата може да се набават со резервација преку директна порака на социјалните мрежи, на тел. бр. 078/413-946 (Јован Цветкоски) и тел. бр. 077/926-079 (Евамарија Баткоска), или на влезот во Центарот за култура пред почетокот на претставата доколку претходно не се продадени билетите, информираат од „Аматер“.

Претставата „Сe до Полноќ“, ќе биде прикажана и репризно на 22 декември во 20 часот.

Препорачана возраст е 16+.

OhridNews