Сѐ е подготвено за второто издание на „Adriatic Teqball League” (АТЛ). Најдобрите текери од регионот ја започнуваат битката за „јадранска круна” во Охрид кој на 8. јуни ќе биде домаќин на првиот турнир од новата Јадранска Текбол лига.

На првиот од пет АТЛ турнири планирани за оваа година, ќе се игра во две категории, машки сингл и машки парови, а предвидениот награден фонд е 2.000 евра. Натпреварот ќе се одржи во две фази- првата фаза е планирана во салата „Билјанини извори”, а другата фаза на градскиот кеј Македонија.

Покрај претставниците на пет земји од регионот Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, на турнирите се предвидени посебни покани за текерите од останатите земји од Европа, а претставниците од Грција ќе бидат специјални гости во Охрид.

Еден од најдобрите македонски текери, охриѓанецот Димитар Пејчиновски, се радува што неговиот спорт доаѓа во неговиот град.

Среќен сум што во мојот роден град за првпат ќе се одржи турнир во teqball, спорт со кој се занимавам веќе пет години. Се надевам дека ќе стане традиција Јадранската лига во teqball секоја година да стартува од Охрид. Воопшто не се сомневам дека Охрид и охриѓани ќе се покажат како вистински домаќини, дека ќе ги исполнат трибините и ќе уживаат во играта на најдобрите играчи од регионов, вели Пејчиновски.

Општина Охрид дава силна подршка на спортот, a pредизвикот да бидеме домаќини на Јадранската teqbal лига без двоумење го прифативме, вели градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Можеби се работи за спорт за кој сѐ уште кај нас нема многу информации и не е развиен, но знаеме дека во земјите од опкружувањето и во светот бележи голем раст и популарност. Затоа го сакаме и во нашиот град, не само да го имаме за време на турнирот од Јадранската лига, туку и да се отпочне со тренажен процес на млади категории. На задоволство на сите охриѓани и бројните туристи кои ќе се во Охрид во периодот на Јадранската лига ќе имаме можност како општина и заедно со ГФК Охрид Лихнидос како технички организатор и со одговорните на Јадранската лига пред сѐ на Милорад Шутуловиќ на кој сме благодарни што го избра Охрид како домакин, да уживаме во мајсториите во teqbal играта што ќе ги покажат учесниците кои доаѓаат од седум различни држави. Се надевам дека, како и секогаш, ќе сме одлични домаќини и овој турнир да прерасне во традиција, вели Пецаков.

Учеството на турнирот е бесплатно, а пријавувањето се врши на официјалната инстаграм страница на лигата – @adria_teq.

Покрај турнирот, во рамки на АТЛ, ден претходно, во петок на 7-ми јуни Охрид ќе биде домаќин на регионалниот семинар за судии, а присутните ќе добијат шанса да станат помошни судии.

OhridNews