Во Охрид денеска беше потпишан договорот за организација на Европскот првенство -ЕП, во ракомет за жени кое од 2 до 16 декември ќе се одржува во Македонија. По СП за јуниори на кое Македонија е домаќин ова ќе биде втор голем ракометен настан во нашата земја за две години.
„Македонија ќе се промовира како земја која го сака ракометот“ рече претседателот на РФМ, Трифун Костоски, и истакна дека искуствата од организирањето на големите натпреварувања кај нас досега ќе бидат од исклучителна помош за успешно организирање и на ЕП.
Во отсуство на претседателот на ЕХФ, Торн Лиам, кој заглавил на измирскиот аеродром, договорот го потпиша генералниот секретар Михаел Видерер. Договорот се состои од 92 страници во кои се опишани техничките детали околу организацијата. Но, за генералниот секретар не е важно што е напишано, туку важно е како тоа ќе се реализира. До почетокот на ЕП ќе има уште две контроли, првата во октомври, а финалната контрола ќе биде извршена во мај 2008 година кога претставници на ЕХФ ќе допатуваат заедно со телевизиите кои ќе ги откупат правата за пренос на натпреварите.
На салата „Билјанини извори“ во Охрид и се потребни корекции, а Видерер имаше забелешка и на прес центарот кој е претесен. Исто така забелешка има за ѕидовите позади головите кои на тв преносите изгледале лошо.
Охридскиот градоначалник, Александар Петрески, оптимистички најави дека за потребите на ЕП ќе биде извршена реконструкција на салата во Охрид, како и изградба на нова помошна сала која ќе со тунел ќе биде поврзана со главната сала. Исто така тој најави и изградба на затворен олимписки базан и луксузен хотел во близина на салата.
Мирко Постоловски