Нова рунда преговори за решавање на долгот на „Проаква“ кон ЕВН ќе се одржи денеска во Охрид, најави градоначалникот Александар Петрески. Претставници на општината и „Проаква“ ќе ги продолжат преговорите со ЕВН за изнаоѓање решение за долгот на јавното претпријатие кон австриската компанија.
Општината останува на понудата долгот да се реши со компензација за 15 трафостаници за кои таа тврди дека се во нејзина сопственост, што за ЕВН во досегашниот дел од преговорите беше неприфатливо. По предупредувачкото исклучување на „Проаква“ во петокот општината се закани дека ќе ги стави под контрола трафостаниците кои таа ги изградила и нема да им дозволи пристап до нив на екипите на ЕВН. Вербалната војна заврши со викенд примирје и најава за средба денеска во Охрид на која двете страни ќе се обидат да постигнат решение за проблемот.
Градоначалникот Петрески на одговорност ја повика и владата, која како што рече, не покажува интерес за решавање на проблемот иако најголемиот дел од долгот се однесува на колекторот кој е од државен интерес. Тој посочи дека државата има двојни аршини иако со закон е обврзана да се грижи за заштитата на природните езера. Државата инвестираше во изградбата и одржувањето на системот за ревитализација на Дојранското Езеро додека колекторот на Охридското Езеро охриѓани сами го изградија, а државата не партиципира ниту во подмирувањето на трошоците на негово тековно одржување. Од друга страна голем број државни институции должат милионски суми за неплатена вода што влијае на работењето на „Проаква“, посочи Петрески според кого државата доколку сака може веднаш да го реши проблемот кој се заканува без вода да остави 150.000 жители.
ohridnews