Македонската фудбалска репрезентација синоќа ја победи Летонија со 1:0 во претпоследниот натпревар од групната фаза на Лигата на нации и дефинитивно го потврди првото место во групата и пласманот во поквалитетна Б лига.
Избраниците на Благоја Милевски не постигнаа водечки гол од неколку полуприлики во првото полувреме, но во продолжението притисокот кон противничкиот гол донесе резултат и тоа во 57. минута, кога во противничкиот шеснаесетник одлично се снајде Никола Серафимов.
Нашиот дефанзивец донесе водство, по наш корнер, а потоа и асистенција од Зајков и го постави конечниот резултат, бидејќи до крајот немаше промени и Македонија стигна до нова победа во својата група.
Македонија со 13 бодови е убедливо прва и во следното издание на Лигата на нации ќе игра во поквалитетната Б лига.
Им честитам на фудбалерите за трпението и решителноста, стигнавме до тешка, но сепак заслужена победа. Ја остваривме најважната цел, а тоа е пласман во Б дивизијата, изјави по мечот Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација.
Натпреварите од групната фаза ги завршуваме со меч против Фарски Острови во недела од 15:00 часот на Националната арена “Тодор Проески”.
OhridNews
Фото: ФФМ