Поставување југуларни катетери под ЕХО кај пациенти кои се лекуваат со хемодијализа е нова процедура што почна да ја применува Специјализираната болница за нефрологија – Струга.

Постапката под ЕХО го прави процесот побезбеден и поконтролиран, а поставувањето на југуларни катетери има повеќе предности, информира директорот на установата Јетмир Зиба.

Намален е ризикот од венска стеноза, побезбедна и полесна положба за манипулација за време на хемодијализата и секојдневно одржување, помал ризик од инфекции во споредба со феморалната вена, подобар проток на крв и полесно поставување под ехографија, истакна Зиба.

Целата оваа иницијатива е реализирана во соработка со Клиниката Von Basedow од Германија, посочи Зиба и најави дека соработката со германската клиника ќе продолжи со донација од медицинска опрема.

Горди сме што носиме модерни методи во здравствената грижа во нашата болница. Во фокусот на нашата мисија секогаш стои пациентот. Затоа, ќе продолжиме посветено да аплицираме нови методи и технологии кои го подобруваат квалитетот на третманот и здравјето на нашите пациенти, додаде Зиба.

OhridNews