Деновиве охридската библиотека „Григор Прличев“ го објави најновото дело на охридскиот писател и публицист Мишо Јузмески. Книгата носи наслов „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ и е своевидно продолжение на книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ која беше издадена во 2012 година и во меѓувреме беше објавена и на англиски и холандски јазик.
Во најновата книга Јузмески повторно се осврнува кон ликот и делото на холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија во Холандија во подолг временски период, кој е заслужен за веќе традиционалното холандско-македонско пријателство.
Во поговорот кон книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, Холанѓанецот Херард Пулвејк пишува:
-Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните. За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот, пишува Пулвејк.
Книгата „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ наскоро треба да биде објавена и на холандски јазик.
OhridNews