Секое дете посакува Дедо Мраз да му подари нешто за Нова година. Но „дедото“ е стар и не стигнува секогаш секаде. Многу често „заборава“ на најсиромашните. Затоа се тука активистите на Црвен крст и вработените во х. „Белви“ да го „потсетат“ дека во магијата на Новата и Божик треба сите да уживаат.

Околу 150 деца и нивни старатели и родители, денес во хотелот „Белви“ го видоа Дедо Мраз кој им подели пакетчиња и им посака Среќна Нова Година. Имаше и свечен ручек, музика и дружење. Конечно и овие напатени луѓе да „доживеат“ нешто убаво. Од лицата можеше да им се прочита среќата за која е потребно толку малку. Не е се во парите (кои хронично ги немаат), туку сакаат да се видат еднакви со „другите“.


   Мухамед од Влашка маала

Премногу е тешко да си сиромав, па веројатно од срам или од предрасуди не дојдоа сите 300 поканети најсиромашни граѓани. Барем тие што дојдоа беа убаво пречекани и нагостени. И во Црвен Крст и во „Белви“ владее расположение ваквите настани да бидат почести, не само за празници да се помислува на најсиромашните. Ние додаваме – дај Боже да нема потреба да се организираат хуманитарни ручеци, но реалноста е сосема поинаква.

Предновогодишната забава за социјално најзагрозените лица од Охрид мина во добра атмосфера, песна, детска смеа и многу желби за подобро утре. Покрај хотелите “Метропол езерски комплекс“ и Црвениот крст, организацијата на забавата ја помогнаа и “Екстра Скопско“, “Прилепска пиварница“, “Сејпром“ и “Сукло транс“, кои покажаа хуманост достојна за почит.

Браво за потегот!!!

Насловна: Иван, дете на самохрана мајка, живеат со 2000 денари социјална помош месечно 

С. Костоски

Г.Момироски