Започнати се градежните активности за реконструкција на фасадата и кровот во средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“.
Градоначалникот на Општина Охрид, при посетата на училиштето истакна дека подобрување на условите и вложувањето во образованието е еден од приоритетите за кои како локална самоуправа се залагаат.
Со буџетски средства успеавме да обезбедиме тоа што треба да претставува санација на училиштето при тоа има промена и поставување на термо фасада што би значело заштеда на електричната енергија, реновирање на кровот на самото училиште, како и промена на внатрешната столарија со што ќе се добие функционално училиште. За оваа намена се издвоени 9 милиони денари рече градоначалникот Пецаков.
Во наредниот период во втората фаза ќе биде опфатена промена на начинот на затоплување на училиштето односно да биде на принципот на топлински пумпи, за која фаза веќе е обезбедена проектната документација, а ќе биде објавен тендер и третиот дел со кој ќе се заокружи реновирањето на самото училиште е партерното уредување на дворот. Дел од реконструкцијата на училиштето се и замена на старата и дотраена електрична инсталација, додаде Пецаков.
Со средства во вредност од околу 1 милион евра ќе се реконструираат и трите охридски основни училишта „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“ и „Братство и Единство“ во Лескајца, истакна Пецаков.
Како што претходно информираа од општината, интензивно се работи на создавање услови за изградба на нова училишна зграда во ОУ “Братство Единство“, спортска сала ќе добие ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. Во фаза на проектирање е проектот за изградба на нов објект во ОУ „Григор Прличев“. Внатрешно и надворешно ќе се уредува гимназијата „Св. Климент Охридски“, а лифт ќе добие ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
Н.С.Ј.