По воведниот триумф над Еурофарм Работник ракометарите на Охрид се соочуват со нов домашен предизвик во натпреварите од плејофот во Супер лигата. Втор ривал на „гладијаторите“ е составот на Борец од Велес кој со пораз од Пелистер ги започна мечевите во елитата.
– Сите заедно на дуелот со Еурофарм Работник покажавме дека посилни сме од техничките проблеми во клубот и повредите кои не зафатија последниот период. Екипата најде сили да одигра одличен натпревар и да го добие. Сега, не очекува нов предизвик на домашен терен на кој со помош на публиката од трибините би требало да го добиеме. – рече Благојче Трајкоски.
Екипата на Борец е една од двете екипи која може да се пофали со триумф над Охрид во регуларниот дел од сезоната во Супер лигата. Токму победата над Охрид им ги отвори вратите за плејофот.
– На тој меч ние не бевме на ниво затоа и изгубивме, што не беше случај во останатите натпревари во Супер лигата. Не бегаме од фаворитската улога, но ќе мора да ја оправдаме пред нашите гледачи. Триумф над Борец ќе ни донесе два меча за уживање против Металург и Вардар во плејофот. – додаде Јосип Кезиќ.
Натпреварот се игра в среда со почеток во 19 часот, а ќе судат битолските арбитри Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.
Поради настапот на Вардар на завршниот турнир во СЕХА лигата дуелот со Еурофарм Работник е одложен, додека Пелистер на домашен терен во втората рунда ќе го пречека составот на Металург.
Мх.П.