Од 1 јуни 2024 година, благодарение на грчката национална авиокомпанија AEGEAN, која е членка на STAR ALLIANCE, нова директна сезонска авиолинија ќе биде воведена од Меѓународниот Аеродром Скопје до Аеродромот Крф, а со тоа ќе се овозможи извонредна и уникатна конекција меѓу енергичниот град Скопје со живописниот остров Крф во Грција, известуваат од ТАВ Аеродроми.

Почнувајќи од 1 јуни, патниците ќе имаат можност да ја искусат убавината и шармот на Крф, неговите историски споменици, прекрасните природни пејзажи и кристално чистото море, со директниот лет од скопскиот аеродром на кој ќе лета AEGEAN.

Како аеродромски оператор, ние сме пресреќни што го најавувавме воведувањето на новата сезонска авиолинија на AEGEAN што ќе го поврзе Скопје со Крф, од 1 јуни. По Атина и Сараево, директниот лет до Крф ќе биде третата дестинација што AEGEAN ја воведува од Меѓународниот Аеродром Скопје. Оваа нова авиолинија за рекреативен туризам е доказ дека партнерството и соработката со AEGEAN продолжува со проширување на поврзаноста на Скопје. Оваа авиолинија ќе обезбеди леснотија и удобност за нашите патници кои сакаат да стигнат до еден од најатрактивните грчки острови како нивна дестинација за одмор, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

AEGEAN ќе лета на оваа сезонска авиолинија, Скопје – Крф, до крајот на септември, со 2 неделни фреквенции, или секојa сабота (недела) и секој вторник (среда).

Времето на поаѓање, во сабота и вторник, од скопскиот аеродром ќе биде во 21:35 часот (локално време), а времето на пристигнување на аеродромот во Крф во 23:50 часот (локално време), додека времето на поаѓање, во недела и среда, од аеродромот во Крф ќе биде во 00:20 часот (локално време), а време на пристигнување на скопскиот аеродром во 00:30 часот (локално време).

Авиобилетите се достапни на официјалната веб-страница на AEGEAN, https://en.aegeanair.com/ како и преку туристичките агенции.

По воведувањето на летот на AEGEAN, што ги поврзува Скопје и Сараево минатиот октомври, сега со задоволство го објавуваме воведувањето на уште една нова директна авиолинија од Скопје до Крф. Од јуни, патниците од Скопје ќе имаат можност двапати неделно директно да патуваат до Крф и да уживаат во уникатно патничко искуство со удобноста и сигурноста што ги нуди AEGEAN. Со овој нов дополнителен лет, ја зголемуваме поврзаноста и го прошируваме нашето присуство во балканскиот регион, а истовремено нудиме поголеми опции за патниците, изјави Пепи Стамати, заменик комерцијален директор за мрежа и приходи.

Претставниците на ТАВ Аеродроми веруваат дека оваа нова сезонска авиолинија дополнително ќе го збогати портфолиото на Меѓународниот Аеродром Скопје и мапата на мрежата на авионски конекции, особено што Крф е атрактивна летна дестинација до која сега може да се стигне за само еден час и 15-тина минути.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, ги заврши јануари и февруари 2024 со 243.244 патници на двата македонски аеродром – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува пораст од 47% споредено со јануари и февруари 2023 година. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома во првите два месеца е 1.931, со 38% годишен пораст.

OhridNews