Најмалку единаесет бегалци, од кои две деца и четири бебиња, се удавија денес недалеку од грчкиот остров Самос во Егејското Море, откако потонало нивното пловило, објави грчката крајбрежна стража.
Во кабината на чунот кој ги превезувал бегалците и имигрантите од Турција биле пронајдени безживотните тела на десет луѓе, додека телото на млада девојка е откриено на брегот на островот Самос. Во неколкуте последователни хаварии последните денови во водите на Егејското Море меѓу турскиот и грчкиот брег смртно настрадаа неколку десетици бегалци.
Според последните податоци од петокот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) над 704.220 бегалци од почетокот на годинава преку поморските рути допловиле до европските брегови во Италија и во Грција. Од нив, вкупно 3.257 ги загубиле животите или се водат за исчезнати.
OhridNews
извор Макфакс