Скоро 5.000 фунти во еден правец, ќе чини најскапата автобуска карта во светот. Но се работи за навистина специфична рута на британската туристичка агенција Озбус, која за идната година на туристите ќе им понуди превоз со автобус на линијата Лондон – Њујорк, преку Русија и Кина.

Потенцијалните патници ќе помита повеќе од 22.000 километри за 18 недели, а притоа ќе посетат и 13 земји, меѓу кои Холандија, Германија, Русија, Кина и Канада. Предвиден е и лет на релација Русија – Аљаска.


Компанијата Озбус, која веќе има лансирано слична линија помеѓу Лондон и Сиднеј, го најавува поаѓањето од Лондон за 26 март 2009 година, а пристигнувањето во Њујорк на 2 август.

„Пред 18 месеци ја стартувавме линијата од Лондон до Сиднеј, која се покажа многу популарна, па одлучивме да ја прошириме нашата понуда“, изјавил сопственикот на Озбус, Марк Черси.

„Голем дел од нашите корисници и патници кои ќе одберат вакви патувања, за само едно патување ќе видат повеќе земји отколку за цел живот. Има полно места кои никогаш не би сте ги посетиле. Малку се луѓето кои би се одлучиле да го посетат Казахстан, западна Кина, или Камчатка“, додал соспственикот на Озбус.