Изградба на нова административна зграда и реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе овозможи поголем број патници на охридскиот аеродром и нови помодерни услови, изјави на денешната прес конференција министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. За оваа намена ќе бидат потрошени 2,7 милиони евра. Ова е дел од договорот со компанијата „ТАВ Македонија“ и е дел од договорот за концесија.

Предвидена e нова административна зграда со површина од 250 м2, нов канцелариски простор со површина од 120 м2, помошни простории-130 м2, нов наменски простор за обезбедување на аеродромската зграда, целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2 000 м2 на двете нивоа, целосно нов сообраќаен режим на постојниот паркинг. Ова ќе биде прво реконструирање на Охридскиот аеродром откако истиот е изграден, зборувам за терминалната зграда. Ќе значи подобри услови за патниците и многу повеќе патници. Очекуваме до март 2026 година да се заврши проектот, посочи Николоски.

Премиерот Христјан Мицкоски истакна дека станува збор за реконструкција на два витални капацитети, ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември“ Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид во вредност од 14,7 милиони евра.

Ова се крупни инвестиции и зафати за објекти кои се од суштинско значење за нашата држава. Посветено продолжуваме да решаваме проблеми, да создаваме додадена вредност и да се бориме за подобар живот на граѓаните, додаде Мицкоски.

Н.С.Ј.