Новозеландското туристичко место Каикура останува отсечено од сите правци по земјотресот што го погоди вчера утрото. Спасувачките екипи на Нов Зеланд со помош на брод и хеликоптери се мобилизираа и денеска по средноевропско време треба да ја започнат евакуацијата на илјадниците туристи блокирани во областа погодена со земјотресот со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер во кој згинаа две лица а причинети се големи штети, јавува „Макфакс“
Невремето ја отежнува операцијата на давање помош и евакуација. Околу 800 последователни потреси со магнитуда над 6 степени по Рихтер дополнително ја отежнуваат работата на екипите за помош.
Преку Нов Зеланд минува ткн Пацифички огнен прстен, плоча од вулкани и тектонски раседи во должина од 40 километри. Тој го опкружува Тихиот Океан, минувајќи низ целиот брег на Северна и Јужна Америка, до јужните делови на Алјаска, а потоа преминува он Јапонија, Филипини и Индонезија и завршува во областа на островите Нова Гвинеја, Нов Зеланд и југозападна Океанија. Токму во „огнениот прстен“ се наоѓаат најголемиот број познати вулкани на планетата. Тука, исто така, се случуваат 90 отсто од сите земјотреси на Земјата.
Еден брод на новозеландската воена морнарица испловил од Окленд и треба во средата наутро по локално време да пристигне во Каикура, регионот на Јужниот остров од каде ќе евакуира најмалку 500 туристи.
Силните одрони кои ги предизвика земјотресот ги пресекоа патните правци и пругите до градот Каикура, каде се засолнале стотици луѓе кои останале без покрив над главата, Ова место со околу две илјади жители, се наоѓа на околу 90 километри од вториот по големина град Кристчерч. Таму се нашле меѓу 600 и илјада туристи, главно странци, кои дошле да ги набљудуваат китовите, по што е познато ова место.
Четири воени хеликоптери ќе ја започнат евакуацијата во вторник, а воен транспортен авион од типот „Hercules C-103“ од воздух ќе испушта помош во градот.
Според државното радио на Нов Зеланд, педесетина цивилни хеликоптери, исто така, би требало да учествуваат во операциите за помоши евакуацијана туристите од терените за рагби, спортот кој е многу популарен во оваа земја.
OhridNews
извор: „Макфакс“