400/110 kV трансформатор пристигна во Трансформаторската Станица (ТС) Битола 2 што претставува клучен чекор кон обновување на стабилноста на електроенергетската мрежа во југозападна Македонија.
Ова е значајна пресвртница во напорите на државата за справување со предизвиците во преносниот систем и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија во еден од најважните региони во земјата, информираат од МЕПСО.
Пристигнувањето на новиот трансформатор ќе го намали притисокот врз мрежата, ќе ја подобри системската сигурност за реоните на Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилно снабдување со електрична енергија за време на зимската сезона и ќе обезбеди сигурност на производството на електрична енергија во РЕК Битола, клучен снабдувач на електрична енергија во државата, потенцираат.
Процесот на монтажа, посочуваат, ќе вклучува составување, филтрација на масло, тестирање и интеграција во системот, што се очекува да трае приближно 10-12 дена, во зависност од временските услови. Додаваат дека техничките тимови на МЕПСО се целосно подготвени и гарантираат дека монтажата ќе се заврши што е можно побрзо, и покрај предизвиците што ги носи зимскиот период.
Откако ќе биде оперативен, овој трансформатор ќе одигра клучна улога во стабилизирањето на мрежата, намалувањето на ризикот од каскадни прекини и исполнувањето на зголемените енергетски потреби за време на зимската сезона. Монтажата на овој трансформатор во ТС Битола 2 не само што ќе ја стабилизира енергетската мрежа во југозападна Македонија, туку и значително ќе го намали ризикот од прекини во снабдувањето за време на критичните зимски месеци, потенцираат од МЕПСО.
Н.С.Ј.
фото. МЕПСО