Италијанскиот клупски фудбал ќе се стабилизира и ќе почне да плови во мирни води. Дестабилизација и одложување на натпревари во Серија А и останатите лиги имаше поради корона вирусот кој се појави во северниот дел од Италија.

Челниците на Серија А и Италијанската фудбалска федерација донесоа одлука да се одиграат одложените натпревари и потоа да продолжат мечевите од останатите рунди во „калчо“ лигата. Со ваквата одлука, календарот во Серија А ќе претрпи измени. Последни три рунди во италијанскиот шампионат ќе се одиграат во една недела (сабота-среда-сабота) за да остане доволно време „азурите“ да се подговат за претстојното Европското првенство.

Одложените натпревари од 26-та рунда ќе се одиграат сабота, недела и понеделник. Големото дерби помеѓу Јувентус – Интер ќе се одигра на 9 март во 20:45 часот. Покрај супер дербито на програмата во понеделник се мечевите Милан – Џенова, Парма – Спал, Сасуоло – Бреша. В сабота, ќе се сретнат Сампдорија – Верона а в недела силите ќе ги одмерат Удинезе – Фирентина.

Полуфиналните куп натпревари ќе се одиграат утре и задутре според првичниот план. Јувентус во Торино го пречекува Милан а во Неапол, екипата на Наполи го пречекува Интер.

OhridNews