Во Основниот суд во Струга на 16-ти февруари ќе почне нов судски процес против британскиот државјанин Николас Морли, откако Апелациониот суд во Битола ја укина пресудата на првостепениот суд. Струшкиот суд во јуни 2007 го осуди Морли  на 2 години условно, откако беше прогласен за виновен за предизвикување на тешката сообраќајна несреќа во која смртно настрада брачниот пар Чепуњоски од Струга.


Морли беше осуден условно на 2 години

Апелација случајот го враќа на повторно разгледување во Основниот суд во Струга, откако била прифатена жалбата на адвокатите на Морли, кои го оспорија судското вештачење, врз основа на кое беше изречена пресудата. Апелација бара да се изврши ново вештачење за сообраќајната несреќа што се  случи на 2 мај 2007 година на магистралниот пат Струга – Ќафасан, кога Морли како учесник на меѓународното рели Гамбол 3000 со своето порше се судри со автомобил голф единица во кој се наоѓаа сега покојните Чепуњоски. Вештачењето тогаш утврдило дека Морли во критичниот момент го управувал своето возило со брзина 161,6 км. на час, наспроти наводите на одбраната која тврдеше дека поршето се движело со 75 киломентри на час.

Во текот на сега веќе оспорениот судски процес против Морли, семејството на загинатите во несреќата се откажа од оштетно побарување, кое според најавата на нивниот правен застапник, Ѓоко Томовски , ќе биде активирано на повторното судење кое е закажано за 16 февруари.

Ohridnews