Секој италијанец ќе рече дека тестенините се здрави и дека прават да се чувствувате добро. Но, дали тоа важи и за шпагети од канабис? Италијансите производители, учесници на саемот за храна кој се одржува во Лондон, велат дека нивните тестенини, масло и леб од канабис нема да го „опијат“ оној кој ќе ги јаде, туку ќе му дадат здрава, вкусна алтернатива на традиционалните производи од житарици. Марсио Фјоре, 30-годишен земјоделец кој на својот имот на југот од Италија произведува масло и брашно од коноп вели дека станува збор за вистинска органска храна. Објаснува дека конопот не бара употреба на пестициди и ѓубриво, туку само умерена количина вода.

Конопот најчесто се доведува во врска со психоактивните дејства на марихуаната, но некои видови од оваа билка можат да се одгледуваат во прехрамбени цели. Високорастечките видови коноп, кои содржат незначителна количина од психоактивната материја тетрахидро канабинол (ТХЦ), веќе долго се одгледуваат за производство на храна и други производи. Италија забраната за овие билки ја укина во 1998 година. Фјоре, кој е еден од 200 проиводители од Италија кои ги изложуваат своите производи во Лондон, наведува дека неговите засади редовно ги контролира италијанската полиција како би се уверила дека ТХЦ е во дозволените граници. Фјоре покрај дегустацијата на шпагети од канабис понудил и кекс и масло од коноп, кое има посилен мирис. Семките од коноп се еден од најбогатите извори на протеини, со висока концентрација на омега масни киселини.