Нов силен земјотрес со магнитуда од 6,7 степени по Рихтер и погоди во неделата Непал и Индија, и предизвика нови лавини на Хималаите, јавува Ројтерс, пренесува „Макфакс“.

Американскиот геолошки институт (USGS) објави дека новиот земјотрес со магнитуда оф, 6,7 степени се случил во 12,39 часот по локално време, во 9,09 часот по македонско. Епицентарот и на овој потрес бил на околу 80 километри источно од непалската престолнина Катманду. 

По првиот главен подземен удар, кој е регистриран во саботата во 11,41 часот по локално време, 9,11 по македонско време, со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер, чиј епицентар бил на повеќе од 85 километри северозападно од престолнината Катманду, со жариште на длабочина од 15 километри и вториот потрес по половина час подоцна и имал магнитуда од 6,6 степени, со хипоцентар на 10 километри длабочина, следувале уште 58 последователни потреси со магнитуди над 4 степени.

Според последните податоци од неделата утрото, земјотресот со магнитуда од 7,9 степени од саботата наутро во целиот регион однел повеќе од две илјади жртви. Непалските власти потврдија смрт на 1.953 луѓе, 44 во северна Индија, на Тибет има 17 жртви и две во Бангладеш.

„Уште еден земјотрес штотуку го чувствуваме“, рече во телефонска изјава за Reuters индискиот алпинист Арјун Ваџпаи од базниот логор Макалу, дваесетина километри од Монт Еверест. Агенцијата наведува дека во текот на телефонскиот разговор можеле да се слушнат крици и звук на лавина.

Од базниот логор на Еверест повторно преку Twitter се огласи романскиот алпинист Алекс Гаван кој напиша дека новиот земјотрес покренал нови три лавини. Од овој камп кој во саботата беше затрупан од лавина извлечени се 17 тела, а има и 61 повреден. Повеќе од илјада алпинисти и шерпаси имало на Монте Еверест во моментот на земјотресот.

Воен офицер Сантош Непал за агенцијата Reuters изјавил дека водел спасувачка екипа којашто цела ноќ работела за да отвори премин во урната зграда во главниот град Катманду. Морале да користат крампови, бидејќи булдожерите не можеле да минат низ тесните улици на градот. „Веруваме дека има уште луѓе заробени таму“, рекол.

Меѓу знаменитостите на Катманду урната е и кулата Дарара или Басмен, изградена во 1832 година за непалската кралица, висока 62 метри, која е ставена на листата на УНЕСКО на светското културно наследство. Кулата последните десет години беше отворена за туристите, а веќе еднаш претрпела оштетувања во земјотресот од 1934 година. Според полицијата, под нејзините урнатини можеби има околу 200 луѓе.

Телата на жртвие и натаму се пренесуваат во една болница во Катманду, во којашто според полицискиот офицер Судан Шрешта, само неговиот тим во текот на ноќта примил 166 тела. Во главниот град со околу милиони жители, има повеќе од 400 жртви во претежно старите и трошни куќи.

Поради бројот на жртвите и неколкуте илјади повредени, оваа земја со 28 милиони жители се фати во костец со последиците од најлошиот потрес во 81 години. Се очекува новиот доток на пациентите во неделата, но им недостасуваат медицински материјали.

Соседна Индија испрати воен авион со спасувачки екипи со 285 членови на Националните сили за одговор на природни катастрофи и 43 тони хуманитарна помош. Меѓународните хуманитарни организации подготвуваат свои активисти за заминување во Непал за да помогнат во осигурувањето на чиста вода и храна, додека САД, Британија и Пакистан се некои од земјите кои испраќаат експерти за спасување и потрага, а Кина испрати спасувачки екипи со кучиња за трагање по преживеани.

Компанијата Google, чиј менаџер Даниел Фрединбург загина во саботата во лавината на Монт Еверест, вети помош од милион американски долари.

OhridNews
Извор:„Макфакс“