Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во работен состав, одржана вчера во просториите на Македонската Архиепископија, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот на нашата Света Црква.

Синодот ја известува црковната јавност дека четириесетдневниот помен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј ќе се изврши на 3 јануари 2025 година, на Плаошник во Охрид. Во иднина, секретарот на Синодот, Неговото Преосвештенство Епископ Хераклејски г. Климент ќе ја извршува должноста портпарол на Синодот и на јавноста ќе ги изнесува официјалните ставови на САС на МПЦ – ОА. Неговата должност ќе започне на 1 јануари 2025 година, посочуваат.

Воедно, Синодот ја изразува својата длабока загриженост за новонастанатата состојба во Сирија и во Либан, како и за засегнатите верни чеда на Антиохиската Патријаршија.

Исто така, како сестринска Црква, искрено сострадувајќи, Го молиме Семилостивиот Бог, Кој ги успокојува обременетите (Мт. 11, 28), да ги благослови сириските и христијаните на Истокот – пастирствувани од Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован Х – и да ги укрепи во верата и надежта, притоа дарувајќи им го неопходниот мир, додаваат во соопштението.

OhridNews