Македонската кошаркарска репрезентација ги сведе на теорија шансите за пласман на Европското првенство, откако попладнево во Перм претрпе убедлив пораз од домаќинот Русија со 94:77 (51:33), а претходно денеска Естонија ја изненади Италија.
Избраниците на селекторот Александар Тодоров не беа на нивото од вчерашното издание во воведните три четвртини против Италија и по почетното водство од 9:5 целосно ја препуштија играта во рацете на Русите.
Без Дамјан Стојановски, кој поради повреда го напушти теренот на средина од првата четвртина, и со инфериорна скок игра, македонските кошаркари заслужено го доживеаја вториот пораз во два дена на завршните евроквалификации во Перм.
Русите целосно доминираа во играта под кошевите, завршувајќи го мечот со дури 44 скокови, 24 повеќе од македонскиот тим, вклучувајќи 18 офанзивни, што на крајот се покажа клучно за убедлив пораз на „црвено жолтите“.
Најефикасен во македонските редови беше Војдан Стојановски со 18 поени, два помалку постигна Џејкоб Вајли.
Претходно денеска во групата Б, Естонија направи изненадување, нанесувајќи и го првиот пораз на Италија со 105:101 по продолжение, и дополнително го отежна патот на македонската репрезентација на завршницата.
За евентуален пласман на Евробаскетот во 2022 година, македонската репрезентација треба да победи на последните два натпревари, вклучувајќи и двоцифрен триумф над Естонија, која, притоа, претходно треба да загуби од Русија.
Македонските кошаркари в недела го играат вториот натпревар против Италија, а квалификацискиот турнир во Перм ќе го завршат следниот ден против Естонија.
OhridNews