Нов, трет по ред пакет мерки на Владата за справување со корона кризата. Како што информира на денешната прес конференција премиерот Оливер Спасовски, мерките се наменети за сите, меѓу кои и социјално загрозените граѓани, студентите, невработените, жените, земјоделците, бизнисмените.

Овој сет мерки, како што рече Спасовски, се однесува на обновување на економијата и зголемување на нејзината конкурентност во регионот и пошироко, а првенствено за стимулација на потрошувачката.

Дел од мерките е воведување платежна картичка за 100.000 граѓани со вредност од по 9.000 денари за купување македонски производи и услуги од домашни компании. Со оваа бројка се опфатени невработени лица, приматели на социјална помош, како и граѓани со примања под 15 илјади денари месечно. Важноста на картичката е 30 дена.

Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашни производи и услуги, се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија. Но пред сѐ, се зголемува куповната моќ на граѓаните и со тоа се олеснува животот во услови на криза. – рече премиерот Спасовски.

Со цел поттикнување на домашниот туризам, предвидени се ваучери од по 6.000 денари за сместување во домашни туристички капацитети, како и потрошувачка картичка од 3.000 денари за летување на лица со месечни приходи под 15.000 денари и кои немаат други приходи.

Спасовски најави дека платежни картички ќе добијат и студентите, во вредност од по 6.000 денари, за покривање на партиципацијата на универзитетите, како и за сместување во студентски домови.

Воведуваме и ваучери до 30,000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади.  Со покривањето на трошоците за тренинзи и обуки, ги подржуваме младите да стекнат знаења и вештини од информатичката технологија кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија.  Оваа мерка ќе опфати 100 илјади млади сограѓани, во вредност од 12 милиони евра. –  рече Спасовски.

Третиот сет економски мерки предвидува и воведување викенд без ДДВ за сите граѓани

Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство. –  истакна премиерот Спасовски.

Исто така со сетот мерки се предвидува и паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 година.  Овој сет мерки уште предвидува и бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот, како и државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг, дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании, поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР, кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари, како и повеќе мерки во областа на земјоделството.

Вредноста на мерките од третиот пакет изнесува 355 милиони евра и преку нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5.5% од БДП.

OhridNews