Огромна пукнатина, која се формира во пустина на североистокот на Етиопија, би можела да го означи почетокот на создавање на нов океан, тврдат меѓународна група експерти.
Проучувајќи ја пукнатината долга 56 километри која се отвори во зафрлената пустина Афар, истражувачите заклучиле дека на тоа место за околу милион години би можел да настане нов океан.
Пукнатината, која на одделни места е широка и до шест метри, се формира по земјотресот кој во 2005 година ја погоди областа Боина, околу илјада километри од главниот град на Етиопија.


Истражувачите и тогаш говореа за почеток на долг процес кој за околу милион години ќе заврши со создавање на ново море кое ќе го одвои источниот дел на Етиопија од остатокот на африканскиот континент.
Новите неодамнешни истражувања, чии резултати ќе бидат објавени во списанието „Геофизикал рисрч летерс“ (Geophysical Research Letters), покажаа дека процесот на отворање на пукнатината е речиси идентичен со процесите кои се одвиваат на дното на океанот, што наведува на заклучокот дека навистина се работи за почеток за создавање ново море.
Африканската и арапската плоча, кои се допираат во пустината Афар, се оддалечуваат една од друга со брзина од околу два сантиметри годишно во процес кој трае веќе 30 милиони години. Во тој период настанале и 300 километри долгата Афар депресија и Црвеното Море.
Истражувачите сметаат дека за околу милион години Црвеното Море ќе се излее во ново море и оти новосоздадениот океан ќе се спои со Црвеното Море и со Аденскиот Залив.