Натпреварот од рунда во А групата од Лигата на шампионите помеѓу ПИК Сегед и Вардар е одложен на барање на домаќините. Средбата беше планирана за 1 октомври во Унгарија, соопштија од македонскиот тим.
Причината за откажувањето на натпреварот е што домашниот тим пријавил дека има нови играчи позитивни на Ковид-19 и дека поради здравствените правила во земјата мора да се замине во карантин што ќе трае најмалку една недела, а можеби и подолго. По испратената информација од страна на ПИК Сегед до ЕХФ, решено е натпреварот да биде одложен.
За двата клуба ова е проблематично бидејќи веќе имаат по еден одложен натпревар токму поради Ковид-19. Минатата недела Вардар требаше да биде домаќин на Елверум, но Норвежаните бараа одложување со цел да се избегне влегување во карантин по пристигнувањето дома.
Првиот човек на Вардар, Михајло Михајлоски се жали дека клубот е најпогоден од одложувањето бидејќи од почетокот на сезоната екипата има одиграно само еден натпревар.
Одложените натпревари дојдоа во најлош момент, токму кога ја кревавме формата на едно повисоко ниво. Вариравме со игрите во подготовките, но потоа имавме чекор напред на последните натпревари. Штета за мечот во Белорусија, на кој самите сме си виновни за поразот, а кога се надевавме на уште подобри игри следеше одлагањето на овие два натпревари. Без оглед на се, јас сум оптимист и верувам дека Вардар ќе продолжи да напредува од меч во меч веднаш штом се вратиме на терен. – изјави Михајлоски за Екипа.
Вардар на 10 октомври ќе ја започне новата авантура во СЕХА лигата и веројатно во регионалното натпреварување ќе го одигра вториот меч сезонава.
OhridNews