Охридскиот атлетичар Јован Стојоски со нов национален рекорд на 200 метри.
Стојоски на новогодишниот атлетски митинг во Белград успеа да го подобри личниот и национален рекорд на 200м во сала освојувајќи прво место со резултат 21.56 сек вреден 1050 бодови.
Впечатоците сè уште не стивнуваат. Презадоволен сум што го надминав личниот рекорд, а со тоа и државниот. Задоволен сум, но ова во основа е само увертира за дисциплината на 400 метри. Секогаш вака ја отворам сезоната, вели Стојоски за OhridNews.
Вели дека сега се подготвува за Европското првенство кое во март ќе се одржи во Белград во неговата омилена дисциплина 400 метри, но пред тоа ќе настапи на неколку помали трки.
Во јануари ги отвораме дисциплините на 400 метри, тие први натпревари најверојатно ќе ги трчам во Белград, надвор од конкуренција, бидејќи за 400 метри се потребни две-три трки како подготовка, за да се најде соодветен ритам. Тоа не е како спринт за да може одма да се дојде до рекорд. Сигурно пред тоа ќе имам и неколку помали трки, вели Стојоски.
Додава дека по ова ќе следи пауза од напорната зимска сезона, а подготвките ќе бидат насочени ко летото кога го очекуваат Светското првенство во Америка, ЕП во Минхен, а потоа и Медитеранските игри во Алжир.
Во успесите кои ги реди Стојоски се вбројува и неговото учество како македонскиот претставник на Олимписките игри во Токио.
Н.С.Ј.