Тимот на Јирген Клоп кој палеше и жареше во првиот дел од сезоната во Премиер лигата почнува да губи здив. Втор пат едно по друго Ливерпул ремизира, овој пат на гости кај Вест Хем, 1:1, во рамки на 25 коло.
Водечкиот тим во лигата поведе со голот на Мане во 22 минута на кој му претходеше офсајд позиција. Домаќините изедначија во 28 минута пеку Антонио. Ливерпул до крајот на првиот дел создаде неколку прилики но не успеа да го врати водството, но и домаќините имаа две одлични шанси за пресврт.
Во вториот дел мрежите мируваа. Ливерпул јалово и безопасно напаѓаше, а Вест Хем одлично се бранеше и чекаше шанса од контра напад. Се можеше да биде поинаку доколку во третата минута од продолжението резервистот Дивок Ориги го искористеше одличното додавање пред голот на домашинот тим и пропустот на помошникот судија кој не забележа дека тој е во недозволена позиција. Но, гостите овој подарок не го претворија во победа.
По второто реми едно по друго, разликата помеѓу првопласираниот Ливерпул и шампионот Манчестер Сити сега е само три бода. Со евентуална победа во следното коло, за два дена, Сити кој му гостува на Евертон, ќе го преземе водството на табелата. Чекор фати и гтретопласираниот Тотенхем кој има 57 бода, два помалку од Сити (59) и пет од Ливерпул (62). Шампионската трка во Премиер лигата е целосно отворена.
Следното, 26 коло, го отвора Сити кој му гостува на Евертон во Ливерпул. Водечкиот Ливерпул, пак, игра на 10 февруари на домашен терен против Бурнмаут, а третопласираниот Тотенхем го пречекува Лестер.
OhridNews