Новите докази се закануваат да ја поништат теоријата на релативитетот на Алберт Ајнштајн од 1905 година и догматското тврдење дека ништо не може да се движи побрзо од светлината. Врз оваа теорија е засновано современото размислување за функционирањето на вселената.
Во новиот експеримент во лабораторијата Гран Сасо повторно е измерено времето што било потребно сноп неутрони да стигнат од лабораторијата на ЦЕРН во Женева, оддалечена 720 километри.
Шокантните резултати од првиот експеримент, кој беше направен во септември, беа примени со резерва, бидејќи покажаа дека неутронот е побрз од светлината за дел од секундата.
Научниците од италијанскиот Институт за нуклеарна физика соопштија дека во новите тестови сакаа да исклучат потенцијална системска грешка што можеби влијаела врз резултатите на првиот експеримент.
„Позитивниот исход на овој тест ја зголемува нашата доверба во првиот резултат, но конечниот суд може да се донесе дури врз основа на аналогните мерења во другите делови на светот“, се наведува во соопштението.
Физичарите кои го правеа првиот експеримент наведуваат дека со месеци ги проверувале добиените резултати за да најдат евентуална грешка во апаратите или во методите на мерење.
Доколку резултатите бидат потврдени, научниците се согласуваат дека тоа ќе биде доказ дека Алберт Ајнштајн, таткото на модерната физика, погрешил кога во специјалната теорија на релативитетот ја навел брзината на светлината како „космичка константа“ и дека ништо не може да ја надмине.
Ова би можело да доведе до големо преиспитување на теориите за функционирањето на вселената, а би можело да значи и дека е можно да се испратат информации во минатото.
Жак Мартино, директор на францускиот национален институт за нуклеарна физика и физика на честичките, кој работеше на вториот експеримент, рече дека овој тест не претставува конечна потврда, но дека отстрани некои од потенцијалните системски грешки од првиот експеримент.
„Потрагата не е завршена. Во моментот се разгледуваат дополнителните проверки на системот“, соопшти Мартино.
извор: „Макфакс“