Новиот Чинар треба да дише и мириса во автентичен охридски дух. Да биде мешавина од сите вери, култури и корени. Како што е цел град. Гостите и жителите да доаѓаат тука зарад гордата историска приказна. Да се чувствуваат како дел од охридската филмска сцена. Секој еден што ќе оди по овој плоштад да биде одушевен, изненаден од експлозија на вкусови, карактери, звукови и впечатоци. Моментално околу стариот цинар до ќошот кон „Гоце Делчев“ се е како што е. Има ресторани, чајџилници каде се игра табла, мали интересни дуќани и фирми. Ама старата чаршија нема конекција со другите делови од Охрид. Не постои нешто заедничко. Од сите страни има можности, но ништо што ги поврзува сегашните богатства. Ова е мој отворен предлог за општинскиот конкурс: Проект, реконструкција на плоштадот „Чинар“.
Чинарот има повеќе пристапи. Од кој дел и да влегуваш централната тема архитектонски да биде нешто слично како еден зелен лист од дрво. Од гордото чинарско старо дрво. Од тој концепт – лист да се работи креативно понатаму. Новиот пазар што се гради е голем подарок за поврзување на новиот идентитет на старата чаршија и новиот Чинар. Од живите тезги со разни производи од шпајзот на Македонија и различен народ автоматски да влегуваш во пријатен, топол свет.
Локалната политика треба да мотивира со кредити модерни угостители со специфични идеи. На пример да има простор за нови гастрономски деликатеси. Оригинални бизниси за било што. Да нема во старата чаршија стандардно 56 бутици, златари, сендвичари, пицерии, скари и кафетерии. Тотално да биде различно од комерцијалниот плоштад, чаршијата, се’ покрај кејот, Канео, Варош. Таму се истите пари но друг живот, друг народ, друга филозофија, друг менталитет.
Сега постои очигледна граница во чаршијата. Точно кадешто е Чинарот. Таа граница треба да биде невидлива. Чинарот да прерасне во второ екстра централно место. Едноставно сегашното да се среди, расчисти, освежи малку. Влезот од „Гоце Делчев“ е никаков, грд и страшен. Густо изграден и се дополнува со уште поголеми градби. Нема пешачки, нема тротоари, само возила и бетон. Исто треба да се реновира фонтаната кај Чинарон. На пример да сеосмисли фонтана на која ќе има слики, или мапа од Охрид. Да се забележи историјата на Охрид како град со вода, езеро и вечна светска магија.
Јас сум љубител на старата чаршија. Таму се јаде на искривени маси и столчиња кебапчиња како специалитет, пиле. Седиш на лето на отворен простор. Полн со туристи и домашни фамили. Има друга, јужноевропска, балканска, медитеранска атмосфера. Микс од Истанбул и Сараево. Живо. Нормално. Обично, исплатливо, убаво и друштвено. Овде нема како таму покрај езеро многу фаци кои глумат нон стоп со мобилни телефони дека решаваат цел ден светски проблеми со едно кафе или водка.
Со проектов „Нов Чинар“ има нови можности за нови вредности што ќе се корисни со децении. На луѓето поважно им е е да парадираат бавно како сардини низ традицоналното корзо. Старата чаршија е после сите направени туриситчки проекти моќеби најголемата и недоволно откриена тајна во Охрид. Знаеме што е, како е, каде е, што има. Само не сме свесни колку е вредно местото, со илјада можности. Можеби најголемиот предизвик е: интеграција, заедно. Едно популарно мистериозно дрво што прати се, едно дрво што поврзува со своите гранки еден народ во секакви времиња. Тоа дрво е мулти употребливо. Тоа дрво е се! Чувар помеѓу православна црква и џамија. Тоа дрво е стабилно, пријатно за сите граѓани и гости. Секој еден што ќе поминува отсега треба да се мотивира да не оди само слепо кон езерото. Туку да застаниТ, да видиТ, да седниТ, да пробаТ, да осетиТ и друг Охрид. Кај ЧинароТ.
Влатко од Амстердам
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите