Под наслов „Носталгија во црно-бели рамки“ на програмата на „Охридско лето“ недела во Дирекцијата на Фестивалот  со почеток од 20 часот е изложбата на фотографии од Зоран Вељаноски – Летра.

– Во овој циклус фотографии од веќе препознатливиот фото-запис на Зоран Летра се исцедува носталгијата како сон отсонуван во црнобели рамки кој постојано се преобразува, се интенвизира и дејствува со лирскиот тон на виденото, почувствуваното, запаметеното. Токму таа интензивна лирика е она што возбудува во овој исклучителен црно бел мозаик кој  отсликува  една тивка меланхолија на нашите спомени, оценува академскиот сликар Славко Упевче.

Според поетот Славе Ѓорго Димоски, во фотографиите на Зоран Велјаноски Летра се чуствува одлика на голем истражувач.

– Но нема истражување без замисла. Живееме во време на интернет каде каде проблемите се решаваат со притискање на копче.  Но нема нови откритија на археолозите без ископувања, не знам како уметниците би твореле ако немаат идеи или фотографите би работеле само со притискање на копчето на фотоапаратите. Мора да се истражува а Зоран ја има таа прекрасна особина, вели Ѓорѓо Димоски.

Зоран Вељаноски – Летра е роден на 31 јули 1965 година во Охрид, Македонија. Со фотографија се занимава од најрана возраст. Високо образование завршил на Филмската Академија ЕСРА – Париз – Скопје –  Њујорк, на Факултетот за сценски дизајн, катедра Фотографија. Магистерските студии ги продолжува на Институтот за Фотографија во Њујорк. Досега има 16 самостојни изложби во земјава и светот а учествувал и на повеќе групни изложби. Член е на претседателството на Фото сојуз на Македонија.

OhridNews