Норвежанецот Андерс Беринг Брејвик кој ги изврши нападите во Осло и островот Утоја во кои загинаа над 90 лица, акциите ги подготвувал најмалку две години престојувајќи во повеќе европски градови меѓу кои и Прага, објавуваат чешките медиуми.

Информацијата произлегува од неговите записи каде ја истакнува визијата за Европа без мултикултуризам и муслимани и каде ги опишува подготовките за терористичките акции со кои ќе се оствари таквата цел.

Андерс Беринг Брејвик од 2006 година своите десничарски радикални ставови ги објавува на Интернет во Манифест од 1500 страни под псевдонимот „Бервик“. Во текстот наречен 2083. Европска декларација за независност се занимава со „расната војна“ и прашањето како Европа да се ослободи од имигрантите.

За престојот во чешкиот главен град тој се задржува во делот каде изразува желба да обезбеди дополнително огнено оружје. – Всушност, би сакал да стапам во контакт со „Хелс Енџелс“ (моторџиска банда) во Прага, Берлин или Копенхаген. Но ја загубив мотивацијата уште при првите денови во Прага. Сега морам да најдам полуавтоматска пушка и пиштол легално. За пушката не би требало да има проблем бидејќи имам направено ловечки тестови. Имам чисто криминално досие, што значи нема причина да ме одбијат, пишува „Бервик“ минатата година во септември.

Тој исто така подробно ги опишува плановите за терористичките акции вклучително и намерата за основање на сопствена фарма и обезбедување на ѓубриво за експлозиви која и ја остварил.
Се претпоставува и дека токму затоа го нападна политичкиот камп на островот близу Осло, претпоставувајќи дека таму ќе биде присутен и норвешкиот премиер Јенс Столтенберг.

OhridNews