„Младите луѓе со кои контактираа новинарите на ХПК во петокот навечер, раскажаа дека имало двајца напаѓачи а не еден, како што се претпоставува“, се пренесува во цитираната информација.
Норвешката полиција во моментов се обидува да дознае дали 32-годишниот Андерс Беринг Брејвик, идентификуван како приврзаник на крајната десница и христијански фундаменталист, кој е обвинет за масакрот во кампот на островот Утоја, или имал соучесник или, пак, работел сам.
„Ние работиме со жестоко темпо. Неопходно е што поскоро да се дознае дали имало и втор терорист“, изјави за новинарите полицискиот инспектор Еинар Аас.
Според очевидци, вториот сторителот не бил облечен во полициска униформа, како Брејвик.
Двоен напад кој е карактеризиран од властите како терористички акт ја потресе Норвешка во петокот навечер. Прво одекна експлозијата во комплексот згради во центарот на Осло, во кој се сместени Кабинетот на премиерот и три министерства, во којашто според полицијата, седум луѓе загинаа а најмалку 19 се повредени. Норвешкиот премиер, лидер на Лабуристичката партија, Јенс Столтенберг, како и други државни службеници не беа повредени. Неколку часа подоцна маж облечен во полициска униформа отвори оган во младински камп на островот во близина на норвешката престолнина, убивајќи вкупно 84 млади луѓе.
Норвешките власти попладнево соопштија дека од двата напада во болницата „Улевол“ во Осло се хоспитализирани околу 30 луѓе со тешки повреди. Од нив 20 лица се во критична состојба, изјавил за весникот Афтенпостен, претставникот на болницата, Пол Аксел Нис.
извор: „Макфакс“