Норвешкиот министер за култура објави дека потполното префрлање од ФМ радио на дигитално ќе започне во 2017 година, со што се приведува кон крај цела една голема ера. Според пишувањата на порталот Radio.no, “Digital Audio Broadcasting (DAB)“ ќе им овозможи на норвешките слушатели најразнообразна радиска содржина досега. DAB веќе има 22 канали во Норвешка, додека ФМ радиото падна на пет. Спроведената анкета покажала дека 56 проценти од норвешките слушатели секој ден користат дигитално радио.

Тор Гјермунд Ериксен, шеф на Норвешкото здружение на испраќачи на сигнали рекол дека ова е важен ден за сите оние кои го сакаат радиото. Одлуката на министерот дозволува да се фокусираат на она што е важно, создавање на висококвалитетна радиска содржина за слушателите. Фреквенциската модулација, или ФМ постапката е модулација кај која информацијата се пренесува со промена на фреквенцијата на преносниот сигнал. ФМ радиото е патентирано во 1933 година, но неговите денови очигледно се при крај. Според студија од 2012 година повеќе од 90 проценти од американците сеуште слушаат АМ/ФМ радио барем еднаш неделно, но се повеќе и повеќе луѓе секоја година го напуштаат аналогното радио, и своите омилени станици ги слушаат преку интернет.