Саниран е дефектот на системот за водоснабдување поради кој повеќе од еден ден без вода за пиење останаа населените места и туристички комплекси на источното крајбрежје на Охридското Езеро на потегот од хотел „Метропол“ до Пештани, информираат од ЈП Водовод Охрид. Оттаму додаваат дека за кус период сите корисници ќе добијат вода.
Дефектот кој се случил вчера околу 13 часот на плажа во населбата Лагадин, екипите на јавното претпријатие Водовод Охрид успеале да го санираат утрово, но при повторно пуштање на вода под притисок во системот дошло до пукање на цевка од 315 милиметри. Поради тоа без вода за пиење останаа повеќе хотели и приватни сместувачки капацитети во крајезерските населби Коњско, Лагадин, Елешец и Пештани.
Прекинот на водоснабдувањето предизвика реакции во јавноста. Туристичките работници велат дека имаат разбирање оти се работи за виша сила, но сметаат дека надлежните служби мора да бидат подобро подготвени и соодветно опремени ваквите проблеми да ги решаваат во разумен рок. До нив стигнале бројни поплаки од гостите и стравуваат од негативни коментари кои неповолно ќе се одразат на туристичкиот имиџ како на нивните објекти, така и на градот.
Г.М.