Актерот Џорџ Клуни одлучил да се стави на „продажба“ како би собрал што повеќе средства за одржување на сателитот кој го изнајмил како би го шпиунирал суданскиот диктатор Омар ал Башир. Имено, со уплата од само десет долари на сајтот Омазе, можно е да се учествува во лотарија, во која среќниот добитник ќе може не само да мине една ноќ со славниот актер, туку и да учествува со него во вечерното шоу на Дејвид Летерман, да се прошета по црвениот тепих на премиерата на неговиот најнов филм “The Monuments Men” и да присуствува на гала вечера по проекцијата.

Во аранжманот се вклучени и авионски билети и ноќевање во хотел за две лица. Уплатите на сајтот можат да се извршат до 30 јануари. На минатогодинешниот кански фестивал, Клуни открил дека закупил сателит над Судан како би можел да ја следи ситуацијата во областите каде има многу насилство. Тој рекол дека го сторил тоа затоа што мисли дека е важно виновниците да одговараат и да биде се потешко насилството да се спроведува без последици.