Сведоци сме дека во изминативе 4 години  општина Дебрца се претвори во најзатворена и заробена институција, во која граѓаните имаа отежнат пристап до општинските услуги и истите ги добиваа на неквалитетен и неекономичен начин, вели кандидатот за градоначалник за Дебрца од Коалицијата “Живот во Македонија за сите”, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

– Беа воведени административни и физички бариери за да се дојде до градоначалникот и општинската администрација,граѓаните не можеа или тешко остваруваа прием кај градоначалникот, за добивање на најобична потврда беа приморани да доаѓаат повеќе пати и да се надеваат дека ќе го најдат градоначалникот, или ако поднесуваа поднесок во архивата истиот не им се примаше ако претходно не го види и одобри градоначалникот. Освен добивањето на одобрение за градење, ниту една друга општинска услуга не можеше да се добие електронски, на општинскиот веб портал не е објавено кои услуги ги обезбедува општината, ниту има објавено обрасци за општинските услуги, изјави Ногачески.

Тој додава дека од сите агли во општинската зграда вработените и странките биле под видео-надзор, преку кој градоначалникот на општината будно го следи од неговиот телефон.

– Врв на паранојата е тоа кога не беа присутни општинските функционери вратите од кабинетот на градоначалникот, канцеларијата на секретарот на општината и салата за седниците на советот на општината, односно повеќе од половината од службените простории во општината беа заклучени и не беа во служба на граѓаните, вели Ногачески.

OhridNews